ЦИВИЛ, како организација што спроведува мониторинг на изборите, како и на политичките процеси и настани, ги повика сите политички партии и независни кандидатки и кандидати редовно да испраќаат информации и соопштенија за своите решенија, ставови и активности.

ЦИВИЛ е целосно отворен за информации од сите политички опции. Соопштенијата не се објавуваат интегрално, туку влегуваат во состав на прегледи на настани, анализи и извештаи од мониторингот. Организацијата смета дека ова е добра можност да се информираат граѓанките и граѓаните за сите понудени изборни опции, но ќе послужи и како показател за транспарентноста на учесниците во локалните избори.

Медиумската платформа на Организацијата е, како и секогаш, отворена за авторки и автори на колумни со различни ставови, идеолошки и политички определби. Единствено ограничување претставува прохибицијата на говорот на омразата и црната кампања.

Медиумската платформа на ЦИВИЛ има јасна и видлива уредувачка политика и концепција, а меѓу основните цели е објавување информации, анализи и ставови за да се овозможи граѓанките и граѓаните да носат информиран избор за важните процеси во земјата. Содржините се објавуваат на македонски (www.civilmedia.mk), албански (www.drejt.mk) и англиски (www.civil.today).

Понатаму, како Организацијата, така и медиумската платформа, обезбедува услови и простор за дебата на важни и релевантни теми во општеството. Со години, ЦИВИЛ е место за размена, но и спротивставување на ставовите. Политичарите, експертите, академијата и активистите се секогаш добредојдени да говорат за своите сознанија, искуства и ставови. Сите имаат еднаков третман и добиваат подеднаков простор.

Најголем дел од текстовите и видео прилозите објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ е слободна за преземање со атрибуција до изворот, според лиценцата Creative Commons 4.0 (обично е назначено под текстовите). Исклучок претставуваат агенциските вести и други преземени текстови и фотографии, како и дел од колумните.

Комуникацијата со ЦИВИЛ може да се воспостави многу лесно. Доволно е да се напише порака на Фејсбук или по е-пошта ([email protected], [email protected]).


Creative Commons 4.0