Авторитарните режими најмалку од сѐ носат извесност. Тие го корумпираат системот, ја заробуваат државата, ги подредуваат економските ресурси на своите интереси (крадат). За да ги контролираат парите (да ги крадат), авторитарните режими ги контролираат и медиумите, судовите, полицијата и академијата. Сѐ што прават е привид, само нивното немерливо богатење е вистинско

ЏАБИР ДЕРАЛА

Едно истражување на Универзитетот Вирџинија во САД дојде до, како што самите научници го нарекоа, шокантно сознание: луѓето не се чувствуваат добро во своите глави. Поточно, не сакаат да мислат!

Да, токму така, луѓето не сакаат да мислат. Истражувањето, како што пишува science.org, покажало дека 67% од машките испитаници и 25% од женските испитаници избрале благ електричен шок, наместо да мислат.

Дури 50% од учесниците во експериментот изјавиле дека не се чувствувале удобно со своите мисли. Биле сместени во полупразна просторија во која им било кажано да мислат на слободна тема само(!) 6 до 15 минути. Едноставно, би правеле сѐ, па дури и да се повредат себеси, само да не мислат. Така, иако претходно изјавиле дека би дале пари, само да не добијат електричен шок, тие, немајќи што да прават со себе, сепак го допреле уредот со кој добиле благ електричен удар. За да не бидат сами со своите мисли. Навистина неверојатно!

Жените мислат повеќе и подобро од мажите, но затоа ги нема на кандидатските листи

Од овој експеримент во кој учествувале неколку стотини доброволци, може да се извлечат многу интересни заклучоци и насоки на размислување. Да речеме, интересна е дискрепанцијата меѓу тоа колку мажи, а колку жени попрво би избрале болка, отколку да мислат.

Многу пати е констатирано дека жените се тие што ја употребуваат главата почесто, повеќе и подобро отколку мажите. Тука, на многумина што ги читаат овие редови, ќе им текне на често употребуваниот израз кој упатува на ироничниот став за тоа „со која глава мислат мажите“.

Многу одамна (1998), во политичкиот магазин „Форум“ напишав еден есеј за супериорноста на женскиот род во однос на машкиот. Научниот експеримент може да биде дополнување на таа теза.

Жените мислат повеќе, имаат моќ да се концентрираат на повеќе работи истовремено, а нивните мисли се далекусежни и длабоки.

Дали затоа ги нема во политиката? На кандидатските листи во изборните процеси во Северна Македонија никогаш не се ни приближуваат до застапеност која е барем приближно правична, што е и законска обврска. На локалните избори 2021, бројот на кандидатки за градоначалничката функција и за советници е срамно низок. Поставени се така што нема шанси ни да стасаат до функции. А за тие што се фаворитки, црната десничарска пропаганда се потруди да ги оцрни до неподносливи граници.

Дали авторитарните лидери се популарни затоа што луѓето не сакаат да мислат?

Не мора да значи дека е најсоодветна споредбата, но ова научно истражување ме инспирира да ги насочам своите мисли (без електрични шокови) кон – политиката. Вреди да се погледне и во причините зошто луѓето не сакаат да мислат. Поточно, зошто дозволуваат некој друг да мисли за нив.

Или, уште потесно да ја определиме темата – зошто авторитарните лидери успеваат да ги добијат симпатиите на голем број гласачи? Дали затоа што не сакаат да мислат? Изгледа дека деспотите ги гласаат луѓе кои не се чувствуваат удобно во своите глави (да го парафразирам истражувањето од погоре).

Режимите на „цврста рака“ се сѐ повеќе популарни, велат истражувањата. Како тоа?

Еден од најчестите одговори е дека диктаторите влеваат доверба кај луѓето, го прават нивниот живот извесен, а некои од нив успеваат да ја подобрат економијата со брз раст и со стабилност. Но дали е навистина така?

Вулгарности и трикови, манипулации со чувствата на луѓето

Авторитарните режими најмалку од сѐ носат извесност. Тие го корумпираат системот, ја заробуваат државата, ги подредуваат економските ресурси на своите интереси (крадат). За да ги контролираат парите (да ги крадат), авторитарните режими ги контролираат и медиумите, судовите, полицијата и академијата. Сѐ што прават е привид, само нивното немерливо богатење е вистинско.

Го згаснуваат или го корумпираат секој извор на независни идеи и граѓанска моќ, за никој да не се осмели да го загрози нивното владеење. Општеството се држи во постојан шок и страв од непријателите – само кај лидерот е безбедно, само тој може да пружи безбедност, сигурност и благосостојба. Во замена за послушност.

Сѐ мора да биде под контрола, а секој што се обидува да противречи – ќе биде јавно распнат и прогонуван. Авторитарните режими влеваат страв и поделби. Ако не постојат непријатели (најчесто и не постојат), тие ги измислуваат или ги создаваат. Популизмот, стравот и измамата се арсеналот на овие политичките монструми. Така е од памтивек до денес. И најголем дел од нив завршуваат неславно.

Затоа, ако сакаме да дадеме едноставен одговор (иако не е лесно) за нивната популарност и успех веројатно се крие во тоа дека тие на власт доаѓаат, а така и ја задржуваат, по пат на приземни вулгарности, со трикови и манипулации. Тие прво ги будат и предизвикуваат чувствата на страв, поделби, омраза и/или неизвесност, а потоа ветуваат дека ќе ги отстранат тие (измислени) причини за нив.

Торба полна со лажни ветувања

Во торбата со ветувања од диктаторите има безброј „гаранции“ дека тие ќе ги одбранат своите (ама само своите) гласачи од сите непријатели и предавници и дека ќе ги обноват гордоста и достоинството на нацијата. Едно од нивните најсилни оружја се лажниот морал и побожност или идеолошките догми.

Тоа се општества во кои геј заедниците се омразени и прогонети, жените се угнетени, лицата со посебни потреби се презрени. Било кое малцинство е „внатрешен непријател“.

И секако, има варијации на сето тоа, со прикривање или поставување марионети од тие заедници, за да се затскрие вистинската природа на авторитарното владеење. Лезбејка за премиерка, на пример.

Краде, ама и гради

Иако навидум носат некаква економска стабилност и раст, тие во суштина, ги исцрпуваат економските ресурси и создаваат клиенти од голем број луѓе, претежно во администрацијата и во дел од бизнисот врз кој имаат влијание, па и многу лични интереси и „дилови“. Во спрега со неуморната пропаганда во контролираните медиуми и со репресивниот апаратус, состојбата на „народното задоволство и доверба“ може долго да трае.

Не е многу тешко да се открие дека луѓето сакаат да живеат под јаремот на авторитарни режими. Со време, луѓето почнуваат да сфаќаат дека „владетелот“ на нивните животи и со државата, всушност, е неморално чудовиште кое краде за се себе и за елитата. Сепак, голем дел од граѓанките и граѓаните, кои во меѓувреме се претвориле во „народ“ (маса), си нашле оправдание за молкот:

„Краде, ама и гради“, „сиромашни сме, ама сме барем горди, свој на своето“, „барем жените се на своето место, во кујна и во породилно“, „ги стави во ќош непријателите (малцинствата од било која категорија)“…

Сите работат за Шефот

Каде што владее авторитарен режим, криминалот станува една голема и организирана операција на контрола и присвојување на јавните пари. Нема независни институции, така што нема кој да поведе истрага, а ниту да приговори. Крадењето е привилегија на владејачката елита. Сите останати мораат само да работат за Шефот, да го сакаат и да не мислат со своја глава.

Кога таквите антидемократски структури се во опозиција, тие добиваат на популарност затоа што нивните ветувања се поврзани со негативните емоции кај луѓето, а не со разумот. Така, кругот се затвора.

Мислењето е луксуз кој може да ви предизвика неволја. Затоа, најдобро е да не се мисли. Тие што мислат со своја глава и употребуваат логика, се соочуваат со повеќе ризици.

Ако мислат, може да се соочат со потребата да променат нешто во својот живот или во своето опкружување. Тоа е тешко. Неизвесноста и сомнежот не се пријатни чувства. Голем дел од двоножните суштества обдарени со дарбата за говор и мислење, избираат да го користат само „апаратот“ за говор, без интервенции од центрите во мозокот кои ги формираат логиката и мислите кај луѓето.

Луѓето не се научени да мислат со своја глава

Од мали нозе, родителите, роднините и маалото, верските заедници, па и системот во целост, ги насочува луѓето да следат наредби и правила без поговор и без размислување. Одамна не е така во (мал) дел од современиот свет.

Колку ќе ни помогне ако, по којзнае кој пат, утврдиме дека трагедијата на ова и не само на ова општество е во тоа што голем дел од луѓето не сакаат да мислат со своја глава? Најверојатно многу малку или воопшто. Оние што треба да издржат малку подолго во своите глави, одамна му се предале на лажното удопство на тапоглавоста.

Преиспитување, прифаќање или одбивање на ставови и вредности од секој поединец се дел од општествените процеси и промени. Што повеќе членови на општествената заедница учествуваат во секојдневното градење на политичката култура самостојно и слободно, толку повеќе може да се очекува дека општеството ќе се одликува со виталност, динамичност, отпорност и слобода. Така се менува општеството, со луѓе кои се слободни и активно учествуваат во неговото обликување.

Невозможна мисија

Но како што стојат работите денес, тоа е невозможна мисија. На (нај)голем дел од луѓето полесно им е да следат наредби и слепо да почитуваат авторитети. Особено кога тие наредби и наметнување се спакувани во пораки слични на верските догми и каде што има конфронтација со измислени или реални закани.

Навистина, тешко е да се очекува ова кога луѓето се ставени во ситуација да го поминат животот во избор меѓу еден леб повеќе или да пуштат греалка да си го загреат малото сопче. Тешко е, затоа што грабливите трговци со души демнат на секој чекор, да им ја украдат свеста и да им всадат потреби за тоа што тие, трговците, имаат да им понудат: послушност, омраза кон различните, страв од „непознатото“, страв од Бог, стравопочит кон црквата или џамијата, страв од шефот, од некој шраф во општината, обожување на партиските лидери…

И така, луѓето немаат ни малку страв од КОВИД-19, затоа што Господ е со нив. Немаат сообраќајна култура, затоа што тоа не е важно. Немаат самопочитување, бидејќи кешот, Господ, Партијата и Шефот се најважните, а не тие самите.

 


Текстот е личен став. Дозволено е преземање, според лиценцата Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот).