АЛЕКСАНДАР ШОЉАКОВСКИ

Го позајмувам како наслов графитот што се појави, чинам во времето на Лисабонската декларација, пред безмалку триесет години. Доживувањето на Европа по толку децении е речиси исто со многу нијанси. Едно е јасно: за разлика од граѓанството, политичарите во најголем број случаи (не јавно) не беа вистински наклонети кон европското поврзување, интегрирање. Притоа и граѓаните во почетокот не беа сосема начисто што е тоа – Европа. Едно време се мислеше дека со влегувањето во европското семејство на народите, сите наши проблеми ќе се решат, ќе бидеме Европа. (НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни!) Потоа полека се сфати дека тоа не е баш така, но позитивното расположение кон Европа, со извесни колебања, остана на завидно ниво. Дури и по осцилациите кои Европа ги правеше кон нас, особено со проблемот околу името. (Па и сега, во проблемот со Бугарија). Сепак, граѓаните главно останаа приврзаници на идејата за Европа и покрај нејзината превртливост.

Се сеќавам дека некаде 1995-96 година напишав еден текст за приврзаноста на тогашната власт (владите на Б. Црвенковски) кон интегрирањето во ЕУ (тогашна ЕЗ). Реков дека тоа е тема само за домашна промоција, за локална употреба, и дека ним не им паѓа сериозно на ум оваа тенденција и (сериозно) да ја оживотворат. Тоа се покажа како мошне точно во наредните години. И сегашнава состојба е едвај променета. Како се менуваа владите, ни занесот по поканата во 2003, не се разви во суштинска тенденција, а особено по 2006-та кога власта на Груевски десет години блефираше дека сака во Европа, а градеше политики спротивставени на таква тенденција. Владеење на правото во тие години – од судскиот систем, слободите на информирање, слободниот пазар и конкуренција, транспарентноста, човековите слободи и права… – беа жестоко прекршувани и доведени до неиздржливост.

Новата власт дојде и особено затоа да ги пренасочи определбите во вистинска насока. Да ги направи „европски“.  И тоа едвај половично, уште од стартот. Зошто, на пример, не најде дури ни соодветно место во Владата за Радмила Шеќеринска, која во евроинтеграциите во 2002-2006 постигна добри резултати? Беше жртвувана поради некои ситни коалициски калкулации.

Промената на името во „северна“ беше потег што попрво ги среди односите на релација Македонија-Грција (со осврт на НАТО) и очигледно нема(ше) решавачко влијание на односите Македонија-ЕУ.

Едно е запирањето на процесите поради проблемите во самата ЕУ, а сосема друго е нивото на реформска способност на нашата држава. Може слободно да се запрашаме зошто Македонија со сите тридецениски политички заложби, со сите заколнувања во Европа, не се потруди да исполни и да вгради (не заради Европа, туку заради себе), дел од стандардите, правилата и законите кои владеат во Европа. (Ако ништо друго, при започнувањето на преговорите ќе бевме во голема предност.) Кој ни бранеше да устроиме систем кој во иднина ќе биде адаптибилен на европските норми, да речеме, во правосудството, во транспарентноста на политиката, кај човечките права, кај екологијата особено. Ќе речете: политичарите немале идеи, не знаеле, не им текнало… Не успеваме да  ги искористиме и средствата од фондовите што ни се и сега достапни. Нашите судски одлуки паѓаат масовно пред судот во Стразбур…

Тоа се само оправдувања за манипулација, за комотноста на власта и во власта. Зашто, примитивното поимање на политиката на нашите посланици во оваа област подразбира што помалку контрола врз нивната власт. А, токму приближувањето кон Европа значи и (по)голема контрола во сите сфери, особено финансиските. (Не ми се мешај во чекмеџето – парола на секоја власт.)

Политиката чувствува дека, поради низа околности, пред сè поради преживување, Македонија ќе мора да оди кон ЕУ. Но, не им се брза. Да беше така досега, ќе направеа нешто повеќе да ја обезбедат Европа тука. Никој не им брани. Сепак, од интересот на групните и поединечните политички кариери, до конкретни финансиски интереси на цели олигархии, зависи и интензитетот и успехот на напорите за влегување во европското семејство. Интенцијата за дефинирање и за реализирање на европскиот пат ќе зависи пред сè од искрената желба за фаќање приклучок со историски потврдените цивилизациски придобивки за слобода, правда, вистина… А не од оние блеф „европски знаменца“.

СЛОБОДЕН ПЕЧАТ