Во денешното издание на Изборен рапорт зборуваме за повреда на правото на глас за болните од КОВИД-19, црна кампања и родово базирана омраза, кршење на мерките за заштита од КОВИД-19 и неколку важни информации за ЦИВИЛ-ните активности.

ПОВРЕДА НА ПРАВОТО НА ГЛАС ЗА БОЛНИТЕ ОД КОВИД-19

Сите граѓанки и граѓани со право на глас што се позитивни на КОВИД-19, како и нивните блиски, од вчера, 12 октомври, на полноќ, веќе не можат да го остварат своето право на глас. На пример, во текот на вчерашниот ден, според податоците од Министерството за здравство, позитивни на КОВИД-19 се 130 лица. Оние што имаат право на глас меѓу овие наши сограѓанки и сограѓани – како да го немаат.

Како што сме кажале и многупати порано, според ЦИВИЛ, секоја препрека, административна, физичка или здравствена, претставува повреда на правото на глас. Државата има обврска да го обезбеди практикувањето на правото на глас за сите граѓанки и граѓани подеднакво. Се разбира, за оваа состојба најодговорни се законодавниот дом во кој политичките партии имаат обврска да постигнат консензус за овие важни прашања и да донесат законски решенија што ги почитуваат човековите права и слободи до максимум, вклучително и правото на глас.

ЦРНА КАМПАЊА И РОДОВО БАЗИРАНА ОМРАЗА

Изборниот мониторинг во текот на вчерашниот ден (12 октомври) бележи случај на жестока црна кампања со говор на омраза и на родова основа на социјалните мрежи, од Фејсбук страницата Лудата Јоци Фан Клуб, како и од други профили на социјалните мрежи.

Мета на крајно вулгарни напади со говор на омраза се кандидатки на НСДП и на СДСМ во Штип. Во нападите се бележи обид за дискредитација и повреда на достоинството на личноста, со објави кои и по многу други основи се спротивни на законите.

Препознатливи се стилот, динамиката, темите и начинот на пласирање на овие содржини, така што лесно може да се извлече заклучок дека се работи за организирана црна кампања на социјалните мрежи и во дел од медиумите во земјава.

Со години, јавноста очекува од институциите посериозно да се зафатат со своите законски обврски да ги заштитат граѓанките и граѓаните од вакви и слични појави, да ги пронајдат и да ги санкционираат сторителите на овие законски недозволени, а во не мал број случаи и кривични дела.

Исто така, со години во континуитет, ЦИВИЛ бара од политичките партии кои поттикнуваат или спонзорираат тимови за креирање и ширење дезинформации и говор на омраза, тоа да престанат да го прават и ваквите тимови во својот состав да ги распуштат, односно да престанат да ги поттикнуваат и спонзорираат.

КРШЕЊЕ НА МЕРКИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД КОВИД-19

Политичките партии продолжуваат да ги кршат препораките и протоколите за заштита од КОВИД-19. Во текот на вчерашниот ден (12 октомври), долгорочните набљудувачи го издвојуваат митингот на ВМРО-ДПМНЕ каде што се бележи целосно занемарување на мерките за заштита на јавното здравје. Мониторингот бележи и дека водителката и водителот на програмата на митингот на ВМРО-ДПМНЕ ги повикале учесниците да одржуваат дистанца и да се заштитат, но безуспешно.

Сличен извештај за кршење на мерките за заштита на јавното здравје доаѓа и од Струга, каде што на митингот на ДУИ се бележи непочитување на мерките.

ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ

Денеска, 13 октомври, во 17:30 часот, ќе се одржи онлајн обука за краткорочните набљудувачи, како продолжение на обуките започнати минатиот викенд во Скопје.

Во петок, 15 октомври, со почеток во 12:30 часот, ЦИВИЛ ќе го презентира Извештајот од долгорочниот изборен мониторинг и препораките на организацијата, во живо, со почеток во 12:30 часот на Фејсбук страницата и Јутуб каналот на организацијата. На презентацијата на Извештајот ќе бидат изнесени и ексклузивни наоди од мониторингот на ЦИВИЛ, вклучително и скандалозните злоупотреби на и во организациите на граѓанското општество.

Утре, четврток, 16 октомври, во Изборен рапорт, ЦИВИЛ ќе го презентира планот за мониторинг и медиумските активности на денот на гласањето, 17 октомври, како и во текот на претходниот ден на изборен молк, 16 октомври, кога гласаат лицата во самоизолација, болните и немоќните, притворените и лицата на издржување казна затвор.

Иако се чини залудно, ЦИВИЛ уште еднаш ги повикува политичките партии да се воздржуваат од црна кампања, бидејќи таа може да предизвика само штета и тоа долгорочна и никому не му носи никаква корист.