Фејсбук страницата „Скандал“ на 8 октомври објави видео во кое се тврди дека „Лудата власт во Македонија, на чело со Мила Царовска и Заев, фрла учебници во трактор и потоа ги носи на депонија.“ Ова видео потоа беше објавено и од порталите Курир и Нетпрес, но со наслови во кои се вели дека власта пали и гори книги во Прилеп.

 

„Власта пали учебници во Прилеп“ е насловот на текстот што го објави Курир, додека пак Нетпрес објави содржина со наслов „Скандал во Прилеп, вчера гореа книги“.

Но, во кусото видео не се гледаат ниту запалени книги, ниту пак кој фрла книги во приколката, ниту депонија, ниту дека тоа го прави некој претставник на власта. Сепак овие дезинформации, потоа се слушнаа и во говор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски на партиски предизборен митинг. И тој тврди дека се палат книги, иако во посоченото видео тоа не се гледа.

Очигледно е дека некој сака ја запали јавноста со дезинформации и манипулации што се шират како дел од исполитизираната дискусија за дигитализација на учебниците во образованието.

Најдобар начин за гасење на вакви лажни огнови е граѓаните да останат со студени глави и да не ги прифаќаат невистините кои доаѓаат од извори кои често, речиси секојдневно шират дезинформации и ги вознемируваат граѓаните.

Петрит Сарачини