ЦИВИЛ – Центар за слобода им посакува мирен, достоинствен, слободен, фер и демократски изборен ден на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија.

Во ова, 18-то издание на ИЗБОРЕН РАПОРТ, објавуваме информации за текот на гласањето во казнено-поправните установи и за проблемите таму, како и неколку пораки до гласачите, политичките партии, избирачките одбори и јавноста.

ГЛАСАЊЕ ВО КАЗНЕНО-ПОПРАВНИТЕ УСТАНОВИ

Мониторингот на ЦИВИЛ утврди дека денешното гласање на лицата во притвор и на издржување казна затвор започна навремено во сите казнено-поправните установи (КПУ), освен во КПУ Идризово. Гласањето во КПУ Идризово започна во 8:20 часот. Од ЦИВИЛ изразија надеж дека управата и Избирачкиот одбор во КПУ Идризово ќе го почитуваат принципот според кој треба да се продолжи гласањето во избирачките места за толку време колку што траел прекинот, односно доцнењето.

Во мониторингот на ЦИВИЛ на гласањето во КПУ низ земјата, се бележат неколку други недостатоци. Во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.

На почетокот на гласањето во КПУ Прилеп и Битола, на гласачите не им било дозволено гласањето со т.н. „домска карта“, за разлика од сите други КПУ каде што тоа било дозволено. Некаде околу 9 часот, овој проблем е надминат и сега гласачите во КПУ Прилеп и Битола можат да го остварат своето право на глас со „домска карта“, како и во сите останати КПУ.

НЕКОЛКУ МЕДИУМИ ГО ПРЕКРШИЈА ИЗБОРНИОТ МОЛК

Врз основа на овие принципи и изборни правила, Мониторингот на ЦИВИЛ утврди неколку груби нарушувања на изборниот молк од неколку медиуми во текот на изминатата ноќ. Деталите околу овие случаи ќе бидат соопштени по истекот на изборниот молк во 19 часот утре, недела, 17 октомври.

ШТО Е ИЗБОРЕН МОЛК?

Изборниот молк стапува на сила ден пред гласање (сабота), односно на полноќ меѓу петок и сабота, кога завршува изборната кампања. Молкот трае до 19 часот, на денот кога се гласа (недела). Тоа подразбира дека ширење на пропаганда, партиско агитирање, поткуп на гласачи, водење кампања и други прекршувања на Изборниот законик се строго забранети.

За време на изборниот молк се известува за изборите и текот на гласањето, но престануваат сите облици на изборно медиумско претставување.

Според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитување на какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со сите што учествуваат во изборите; какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија изборна кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите; податоци со кои што го откриваат идентитетот на политичките субјекти и/или на поединци вклучени во инциденти или други неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од учесниците во изборна кампања, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.

НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИТЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ

Како и секогаш, ЦИВИЛ најавува дека го следи принципот:

НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИТЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ!

Секој и најмал облик на нерегуларност и непочитување на законите и процедурите, претставува повреда на правото на глас и го урива дигнитетот на изборниот процес. Затоа, сите учесници во изборниот процес се повикани максимално да ги почитуваат демократските стандарди и законските регулативи и да придонесат кон слободни, фер и демократски избори.

Граѓанките и граѓаните на Северна Македонија очекуваат слободни, демократски и безбедни избори и мирен постизборен период!

ПРИЈАВУВАЊЕ НЕРЕГУЛАРНОСТИ ВО ЦИВИЛ

ЦИВИЛ јавно ја изразува својата благодарност за големиот број пораки од граѓанките и граѓаните од целата земја, со што ја искажуваат својата доверба и поддршка на организацијата.

Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава за која има банер на интернет порталот civilmedia.mk. Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или на телефон: 02 / 5209 176.

ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ДА ГО ПОЧИТУВААТ ИЗБОРНИОТ МОЛК

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии и нивните функционери, членови и активисти, како и независните кандидатки и кандидати да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулација на гласачите.

Секој обид да се наруши изборниот молк и кршењето на законите и стандардите поврзани со изборниот процес, мора веднаш да бидат сопрени и санкционирани. Не смее да има толеранција за каков и да е притисок, закана или корупција (купување гласови).

ИНСТИТУЦИИТЕ МОРА ДА ДЕЈСТВУВААТ

ЦИВИЛ ги поздравува напорите на релевантните државни институции кои интензивно ги спроведуваат своите законски обврски да ги искористат сите свои законски ингеренции до максимум и да спроведат законит, слободен, фер и демократски изборен процес.

ПОРАКА ДО ИЗБИРАЧКИТЕ ОДБОРИ: СИТЕ НАБЉУДУВАЧИ НА ЦИВИЛ СЕ МОБИЛНИ

Сите членови на избирачките одбори мора да ги почитуваат интегритетот и работата на набљудувачите и на новинарските екипи и под никакви услови да не ги попречуваат во нивната работа.

ЦИВИЛ ги информира членовите на избирачките одбори да имаат предвид дека сите набљудувачи на ЦИВИЛ се мобилни. Тие се задржуваат релативно кратко во избирачките места и можат да се вратат онолку пати колку што е тоа потребно и договорено со координативниот тим на ЦИВИЛ.

ЦИВИЛ ДО ГЛАСАЧИТЕ: ГЛАСАЈТЕ СЛОБОДНО, НИКОМУ НЕ ДОЛЖИТЕ НИШТО

ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, според сопственото убедување. Никому не должат ништо. Сè што им ветуваат партиите и кандидатите на било кои избори, всушност, им припаѓа ним, според Уставот и законите на Република Северна Македонија.

Нека ни е со среќа!

Џабир Дерала, во соработка со Мониторинг тимот на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација: Ариан Мехмети

(Преземањето на сите содржини од изборниот мониторинг на ЦИВИЛ е дозволено и добредојдено, според правилата на Creative Commons 4.0 - дозволено преземање, со наведување на изборот и линк до содржината во оригиналот)