Мониторингот на ЦИВИЛ утврди дека денешното гласање на лицата во притвор и на издржување казна затвор започна навремено во сите казнено-поправните установи (КПУ), освен во КПУ Идризово. Гласањето во КПУ Идризово започна во 8:20 часот. Веруваме дека управата и Избирачкиот одбор ќе ја почитуваат одредбата според која треба да се продолжи гласањето во избирачките места за толку време колку што траел прекинот или доцнењето.

Во мониторингот на ЦИВИЛ на гласањето во КПУ низ земјата, се бележат неколку други недостатоци. Во КПУ Куманово, од 56 лица, само 38 се на Избирачкиот список. Во КПУ Битола, 20 лица недостасуваат во Избирачкиот список.

На почетокот на гласањето во КПУ Прилеп и Битола, на гласачите не им било дозволено гласањето со т.н. „домска карта“, за разлика од сите други КПУ каде што тоа било дозволено. Некаде околу 9 часот, овој проблем е надминат и сега гласачите во КПУ Прилеп и Битола можат да го остварат своето право на глас со „домска карта“, како и во сите останати КПУ.

Изборен рапорт во живо ќе се емитува во 13 часот, со најнови информации, како и со препораките на ЦИВИЛ за денот на гласањето денеска и утре.

Како и секогаш, ЦИВИЛ го спроведува мониторингот во соработка со граѓанките и граѓаните и ги повикува да пријавуваат кршење на изборниот молк и други нерегуларности во текот на гласањето денеска и утре.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ