Александар Митовски од Инфомакс, во гостувањето кај Јанко Илковски на ТВ Сонце на 20.10.2021, меѓу другото, изнесе и невистини за набавките за Зоолошката градина. Митовски рече дека се правела „фонтана за пингвини која што кошташе 2 милиони евра“.

 

Но, тоа е далеку од вистинската цена на чинење, не само на фонтаната, туку и другите елементи од новото живеалиште на пингвините. Дезинформации на оваа тема имаше и претходно, а нив ги демнатираше директорот на Зоолошката градина, Галетановски.

„Тоа не е куќа за пингвини, туку целосен нов реон во зоолошката, каде што има дел и со други птици, хортикултурно уредување, реквизити, тераса со видиковец. Секојдневно посетителите може да видат што се е направено и токму овој нов реон кој вкупно чини 270 000 евра е најпосетениот и најубав простор во градината“ – демантираше директорот на Зоолошката градина во изјава за Вечер на 22.04.2021, како реакција на претходен текст со невистини објавен од оваа редакција.

Од 2 милиони евра за фонтана за пингвини, до 270.000 илјади евра за цел нов реон и живаеалиште во зоолошката градина за повеќе видови, има многу разлика. Уште еднаш, Митовски од Инфомакс фатен во дезинформирање на јавноста. Тие дезинформации ја доведуваат често во заблуда јавноста. Се напаѓаат политичари, новинари, активисти, јавни личности, а ете, настрадаа и пингвините.

Оваа дезинформација потсетува на легендарната сараевска Топ листа надреалиста, во која се правеа измислени вести, кои беа сосем спротивни од она што се случуваше во реалноста. И таму еднаш се зборуваше за немири во Шведска во кои настрадале ескимите и пингвините. Но, едно е да правиш хумористично шоу, а друго е да претендираш дека ја информираш публиката а постојано да ја дезинформираш, дури и за фонтани за пингвини.

Петрит Сарачини