Бугарскиот портал „24 часа“ објави дезинформација дека бугарската лична карта издадена на име на Даниела Арсовска не постои. Дезинформацијата ја пренесоа Инфомакс, Курир, Република, Плусинфо, Фактор и други македонски портали. Ова е само дел од случајот за бугарското државјанство на кандидатката за градоначалник на Скопје што го објави СДСМ, а кој со денови ја бранува јавноста.

 

Во објавената содржина на „24 часа“, се тврди дека лична карта на име на Данела Арсовска, според пребарувањето на регистарот на бугарското МВР, не е издадена. Но, од објавената фотографија од пребарувањето на порталот, се воочува дека внесените бројки за пребарување од страна на „24 часа“ се згрешени, односно внесена е една бројка повеќе од бројот на личната карта што го објави СДСМ.

Што може да се провери од податоците на личната карта што ја објави СДСМ? Нема начин на проверка на фотографијата, која во документот што го објави СДСМ е на Данела Арсовска. Името во бугарската лична карта е за една буква различно – Даниела Арсовска. Но, проверливи се другите податоци, како датумот на раѓање идентичен со тој на Арсовска и наведениот матичен број. Не се спорни и други податоци, како бројот на личната карта 646948927.

Ако го внесете тој број и датумот на раѓање во онлајн-формуларот на бугарското МВР, се добива информација дека личната карта на име Даниела Арсовска е валидна. Ова се податоци што ги има во два јавни регистри на Република Бугарија, оној на Бугарската главна дирекција каде може да се најдат гласачи по изборни единици, како и во системот на Бугарското МВР.

И покрај ова, неколку македонски портали ја објавија дезинформацијата на „24 часа“.

Инфомакс ја пренесува оваа дезинформација со наслов „(Ексклузивно)Документите се монтирани, лице Даниела Арсовска од Скопје не постои во системот на МВР на Р.Бугарија“. „Не една, туку неколку Даниели со презиме Арсовска постојат во системот на МВР и Агенцијата за Бугари во странство, но ниту една го нема бројот на уверение кој на прес конференција го презентираше Славјанка Петровска од СДСМ“, вели Инфомакс.  

Курир, пак, објави наслов „И бугарските медиуми ја урнаа црната пропаганда на СДСМ: Данела Арсовска нема бугарска лична карта (ФОТО)“. Дезинформацијата ја објави и Република, со наслов, „Бугарски „24 часа“: Проверивме, Данела Арсовска нема бугарска лична карта“, порталот Скопје1, со наслов „Бугарски весник ја реши дилемата за личната карта на Арсовска“, а порталот Фактор објави наслов „Бугарски медиум проверил и објави дека Данела Арсовска нема бугарска лична карта“. „Не ме чуди што фалсификуваа и лична карта на Данела“, напиша Александар Митовски од Инфомакс.

И Плусинфо ја објави дезинформацијата, но по кусо време, таа беше симната од порталот, избришана од Фејсбук страницата, како и од Фејсбук налогот на уредникот Героски. „Сепак порталот 24 часа греши. Нашата проверка на сајтот на бугарското МВР покажа дека постои личен документ на Данела Арсовска, со таков број каков што има на фотографијата што ја лиферуваше СДСМ. Плусинфо ќе ја повлече пренесената вест од 24 часа.бг, а јас мојот претходен пост“, напиша Героски на Фејсбук.

Веднаш потоа, на Плусинфо следуваше нова содржина. „БУГАРСКАТА ЛИЧНА КАРТА НА ДАНЕЛА АРСОВСКА СЕПАК Е ВАЛИДНА Што покажа проверката на сајтот на бугарското МВР? Станува збор за бројот од личната карта на кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, издадена наводно од Република Бугарија, чија фотографија денеска ја презентираше СДСМ“, објави Плусинфо, но и оваа објава набргу потоа беше повлечена. Сепак, траги дека постоела останале, на пребарувачот Гугл.

Ова беше и единствениот пример на портал кој се обиде да ја коригира грешката, останатите не ја повлекоа дезинформацијата ниту пак ѝ кажаа на јавноста дека згрешиле и не си ја завршиле својата професионална работа – да ги проверат информациите што ги презентираат пред публиката како факти.

Ова што го виде јавноста со овие објави е спротивно на она што го пропишуваат новинарските кодекси и стандарди. Медиумите имаат професионална обврска да ги проверуваат информациите што ги објавуваат, а не да лиферуваат дезинформации со кои стануваат дел од битката меѓу политичките актери.  Тоа е она што го очекува публиката, која има право на точни и проверени информации.

 

Автор и водител: Петрит Сарачини

Камера: Атанас Петровски

Монтажа: Ариан Мехмети