Кампањата за локалните избори изобилуваше со црна пропаганда и многу дезинформации. Таков е случајот со дезинформацијата на порталот АлбМаниа за поткуп на гласови во Струга од страна на министерот Јетон Шакири, која потоа се ширеше вирално на социјалните мрежи.

 

На 21 октомври, порталот АлбМаниа објави содржина со наслов „Министерот од ДУИ, Јетон Шаќири, фатен како дели пакети за купување гласови во Струга“. Во содржината се гледа фотографија, на која Шаќири носи кутија која е означена со слоганот на ДУИ за овие избори и бројката 3, под која беа наведени кандидатите од оваа партија на гласачкото ливче.

Но, изнесеното тврдење не е вистина и претставува компјутерска манипулација на стара фотографија. Фотографијата е снимена во април минатата година, кога Шаќири учествувал во делење хуманитарна помош веднаш по почетокот на пандемијата. „Фотографијата е од Април 2020 година, во ситуација кога движењето беше ограничено поради мерките на Ковид-19 и многу семејства имаа потреба да се снабдат со примарни производи“, се вели меѓу другото во демантот на министерот Шаќири објавен на неговата официјална Фејсбук страница на 23 октомври.

Ова е само еден од многуте случаи на манипулации преку изменување на оригиналната содржина со компјутерска обработка што беа забележани во оваа кампања.

Програмите за обработка на снимки или фотографии се толку усовршени, што овозможуваат манипулирање кое не може се забележи од гледачите што ги немаат соодветните вештини. Времињата се такви, што бараат од публиката и да го зголеми вниманието, но и да бара дополнителна потврда за вакви сомнителни тврдења, за да не биде измамена и доведена во заблуда.

Петрит Сарачини